Недела се споменува како денот кога најверојатно ќе се стави потпис на договорот што го постигнаа премиерите на Македонија и на Грција. Барем такви се очекувањата на дел од грчките медиуми. Интернет порталот на грчкиот весник Катимерини пишува дека договорот ќе се потпише во Преспа, но не на грчката, како што се споменуваше, туку на македонската страна од границата.
На него свој потпис ќе стават шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас. Присутни на чинот ќе бидат и двајцата премири, Заев и Ципрас, а покани за присуство ќе бидат испратени и до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, медијаторот во спорот, Метју Нимиц, генералниот секретар на НАТО, Јен Столтенберг и претставничката за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.