Катерина Танева: По три децении тргнавме секој по својот пат, кризата го направи своето!

by fokus

Катерина Танева Ѓорѓиев, во јавноста позната како Кате од ,,Нели ти реков” повеќе од три децении е синоним за одмереност, скромност и неверојатен глас на сцената. Убавата кавадарчанка веќе долги години со семејството живее во Скопје, ја освои јавноста со евергринот ,,Запри дожду” кој го отпеа на фолк фестивалот Валандово уште во деведесеттите години на минатиот век.

Заедно со кавадаречко-неготинската група ,,Нели ти реков” оставија голем број на хитови во изминатите години, а сега дошло време секој да си продолжи по својот пат. За ,,Фокус” Танева открива која е причината поради која по повеќе од триесет години не настапува со членовите на ,,Нели ти реков” со кои биле како семејство, во добро и во лошо.

-,,Нели ти реков,, е нераскинлив дел од мојот живот и мојата музичка кариера, па токму поради бендот и јас станав препознатлива како Кате од ,,Нели ти реков”. Кога една група на луѓе заедно работи повеќе од три децении, ги дели успесите и падовите, секојдневните настани, заедно се радувала на достигнувањата, сосема природно е да ти биде како дел од семејството. Со членовите имаме цела ризница од спомени, оставивме белег на македонската фолк сцена – вели Кате.

Сепак, појаснува дека кризата предизвикана поради пандемијата со корона вирус влијаела врз функционирањето на бендот, и по долги разговори членовите решиле секој да продолжи по својот пат.

-Кризата се чувствува насекаде, посебно во музичкиот сектор. Многу полесно се добива понуда за ангажман во локал како самостоен уметник или како дуо, отколку како поголема музичка група. Затоа со членовите решивме дека секој ќе си продолжи со својата кариера, со самостојни настапи, бидејќи ние сме сепак музичари и живееме од настапи.

Изминатиот период сум актуелна со настапите со колегата Јовица Мирчевски, имаме редовни ангажмани во локал во Скопје, некако се склопија коцките, вокалите ни се усогласени.
Репертоарот е тој, песни за душа, секогаш отпеани од срце, и публиката знае да ја препознае искрената емоција која доаѓа од уметникот – раскажува Танева.

Таа важи за една од најубавите на нашата естрада, која секогаш освојувала со добрата песна и природниот изглед. Никогаш не се пронаоѓала во провокативните фотосесии и видео записи, со што е една од ретките на сцената која докажа дека отмениот и умерен стил е секогаш атрактивен за публиката која е желна за квалитетна музика.

Додава дека е посветена на семејството и секогаш и било важно да има мирен живот, а со колегите од ,,Нели ти реков” останале добри пријатели.

Вики Клинчарова

Поврзани новости