Во Ванкувер, најголемиот пристаништен град во Канада, поплавени се сите железнички приоди кон пристаништето во градот, додека во одроните источно од пристаништето едно лице загина, а две исчезнаа.
Најмалку едно лице загина во лизгање на земјиштето на автопатот во близина на Пембертон, на околу 160 километри североисточно од Ванкувер.
Поради поплавите предизвикани од дводневните врнежи, привремено е прекинат транспортот на пченица и маслодајна репка од Канада, еден од најголемите светски извозници на житарки.
Исто така, компанијата „Енбриџ“ од претпазливост затвори дел од гасоводот, а поради невремето затворен е и нафтоводот „Транс маунтин“ кој дневно од Алберта доставува 300.000 барели нафта до пацифичкиот брег.
И од компанијата „Тек рисорсис лимитед“ соопштија дека поради поплавите е нарушена испораката на бакар и јаглен до извозните терминали.
Јужно од Британска Колумбија, во сојузната држава Вашингтон во САД, поради обилните дождови, населението е евакуирано и прекинато е снабдувањето со електрична енергија за 150.000 домаќинства.