Катастрофа од невидени размери му се заканува на светот поради пожарот во Амазонија

by fokus

Амазонската прашума погодена е од пожари од толкав размер што чадот се гледа и од вселената, со оглед на тоа што од минатиот четврток евидентирани се 9.500 пожари, а секоја минута огнената стихија уништува површина во големина од едно и пол фудбалско игралиште.

Амазонија се нарекува „бели дробови на светот“ поради тоа што нејзините прашуми произведуваат 20 отсто од светскиот кислород, пренесува хрватскиот портал Индекс. Доколку биде уништена, светот ќе се соочи со катастрофа од невидени размери, крај на светот што го знаеме, бидејќи Амазонија создава не само кислород, туку и нè заштитува од многу опасности за кои не сме свесни ни дека постојат.

Кога доаѓа до пожари од значителни размери, стеблата што горат во атмосферата наместо кислород испуштаат јаглерод диоксид, кој дополнително ја загадува атмосферата, а кога би исчезнала Амазонија, голем дел од јаглерод диоксидот не би се трансформирал по пат на фотосинтеза во кислород, туку би останал каде што е, што ќе доведе до големо загадување на воздухот.

Тропските дождовни шуми и савани, во интеракција со атмосферата разменуваат големи количини вода и се сметаат за исклучително важни во одржувањето на локалната, но и регионалната клима. Всушност водата која ја испуштаат растенијата во атмосферата преку испарување и транспирација и која преку реките доаѓа до океаните, значително влијае на светската клима и циркулацијата на океанските струи.

Исто така, модерната, но и традиционалната медицина со векови користи растенија и други организми за да произведе лекови. Научниците сметаат дека во Амазонија, во смисла на лековит потенцијал, детално се проучени помалку од еден отсто од растенијата, а со оглед на тоа дека површината на тие шуми се намалува, исчезнува и потенцијалот за откривање нови медикаменти на тоа подрачје.

Според истражувањето „Ефекти од уништувањето на тропските шуми врз климатските промени и земјоделството“, објавено во списанието „Нејчр“ атмосферското влијание од целосно исчезнување на тропските шуми, покрај зголеменото ниво на стакленички гасови, може да доведе до рапиден пораст на глобалната температура за 0,7 Целзиусови степени, што би значело удвојување на глобалното затоплување забележано во 1850 година.

– Исчезнувањето на шумите ја менува влагата и протокот на воздух, што доведува до дополнителни промени, од флуктуирачки врнежи до зголемување на температурите кои се подеднакво опасни и веднаш ја погодуваат животната средина. Влијанието нема да ги погоди само тропските шуми. Велика Британија и Хаваи би можеле веднаш да бидат погодени од зголемени количества на врнежи, додека централниот дел на САД и Франција може да ги погоди суша – изјави авторката на студијата Дебра Лоренс од Универзитетот Вирџинија.

Бидејќи дождовните шуми ја претвораат водата од почвата во влага во воздухот и со тоа ја ладат атмосферата, тие се најважниот дел од процесот на создавање и регенерирање на влагата. Кога би исчезнала Амазонија, воздухот во таа област ќе стане сув и загреан, а ветровите ќе го носат низ целиот свет, создавајќи хаос.

Зголемувањето на температурата во тропските предели предизвикано од уништување на шумите или пожарите создава големи воздушни маси кои се движат нагоре. Кога влегуваат во горната атмосфера, тие предизвикуваат бранови или телеконекции, кои се движат во различни насоки. Моделите презентирани во оваа студија посочуваат дека исчезнувањето на амазонските дождовни шуми би имало значително влијание врз климата во некои од најважните светски земјоделски региони.

Во друг напис, објавен во „Нејчр“ се објаснува како намалувањето на шумите би влијаело на животот на луѓето. Освен загадувањето на воздухот и глобалното затоплување, светот може да биде погоден од хронична глобална суша.

Дефорестираните подрачја се подложни на хронични суши што ја отежнуваат речната пловида и ја нарушуваат индустријата и земјоделството. Понатаму, според истиот напис, дрвјата испуштаат влага во воздухот, па недостигот на дрвја ќе доведе до недостиг на влага во воздухот на глобално ниво.

Еколозите, кои се занимаваат со движењето на атмосферската влага, предвидуваат дека доколку исчезнат дождовните шуми, според најдоброто сценарио, 15 отсто помалку врнежи ќе паднат на подрачјето на Амазонија а, во најлош случај, ќе стане суво како пустината Негев. Затоа, тие предупредуваат дека е исклучително важно да се спречи трајното уништување на амазонската прашума.

Голем дел од научната јавност се согласува дека и без огромните пожари во Амазонија, климатските промени претставуваат мошне сериозна закана за нашата цивилизација. Според анализата на „Напредниот центар за обнова на климата“, тинк-тенк од Мелбурн климатските промени се опишани како „краткорочна до среднорочна егзистенцијална закана по човековата цивилизација“. Во анализата се посочува дека доколку човештвото веднаш не преземе нешто, последиците можат да бидат стравични. Околу милијарда луѓе би морале да се исселат поради неподносливи животни услови, а уште две милијарди ќе се соочат со недостиг на вода. Земјоделството ќе пропадне во суптропските подрачја, а процесот на производство на храна драматично ќе се наруши во целиот свет.

Според „најцрното“ сценарио претставено во анализата, цивилизацијата може да исчезне до 2050 година. Но, ако покрај постоечката индустрија, стакленичките гасови, раст на бројот на населението, пластичниот отпад во равенката го додадеме и уништувањето на Амазонија, што значи рапидно зголемување на загаденоста на воздухот, глобални суши, промена на океанските струи, дополнителен јаглерод диоксид и раст на температурите, тогаш, како што забележува хрватски „Индекс“, може сценариото не е песимистично, туку реално.

МИА

Поврзани новости