Катар првпат гласаше на парламентарни избори, ниту една жена не освои место во парламетот

by Fokus

Катарците гласаа на првите парламентарни избори во земјата во саботата, но ниту една жена не е избрана вo парламентот.

Во оваа богата земја од Заливот владее кралското семејство, а политичките партии остануваат забранети.

Гласачите избраа 30 од 45 членови на советот Шура, советодавно тело без голема моќ. Досега членовите на тој совет беа именувани од емирот Тамим бен Хамад Ал-Тани.

Сите 30 места ги освоија мажи, соопшти Министерството за внатрешни работи. Ниту една од 28 жени на кои им беше дозволено да учествуваат на изборите не беше избрана.

Како што јавуваат странските новински агенции, емирот на Катар, кој треба да ги именува преостанатите 15 членови на советодавниот парламент, може да го намали овој дисбаланс со назначување жени. Меѓутоа, не е познато кога ќе бидат објавени овие именувања и кога ќе биде инаугуриран советот.

Ова тело ќе може да предлага закони, да го одобри буџетот или да ги отповика министрите – овластувања што ги немаше порано. Но, емирот ќе има право на вето.

Според официјалните податоци, 63,5 проценти од гласачите излегле на гласање, што е многу повеќе отколку на локалните избори во 2019 година, кога гласале помалку од еден од десет гласачи.

Според државната новинска агенција, на изборите имало 233 кандидати, од кои сите морале да имаат дозвола од министерот за внатрешни работи.

За време на кампањата, на мал број политички собири, кандидатите избегнуваа прашања за надворешната политика и за статусот на монархија, фокусирајќи се на здравјето, образованието и граѓанските човекови права.

Повеќето од 2,5 милиони жители на Катар, најголемиот светски производител на течен природен гас, се странци и немаат право на глас. Меѓу 330 000 Катарци, право на глас и кандидатура имаат само потомците на оние кои биле државјани на таа земја во 1930 година.

Првите парламентарни избори, предвидени со уставот од 2004 година и неколку пати одложени, се одржаа во време кога земјата е под „лупа“ на меѓународната заедница.

 

Поврзани новости