Поранешниот командант на Безбедносните сили на Косово (ФСК), Кадри Кастрати изјави дека не верува оти рускиот претседател Владимир Путин може да нареди напад со нуклеарно оружје против Украина или било која држава во светот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Кастрати рече дека верува оти „лудилото на рускиот претседател не е стасано до тој степен за да употреби нуклеарно оружје“.
– Мислам дека лудилото на рускиот претседател не е стасано до тој степен за да употреби нуклеарно оружје, бидејќи, доколку го стори тоа, тој не само што ќе ја нападне Украина, туку тоа ќе има многу поширок дијапазон од тие две држави (Русија и Украина), изјави Кастрати.
Според поранешниот командант на ФСК, наредбата на Путин до руската армија за активирање на антинуклеарната заштита претставува „само заплашување на Украина“ и на нејзините сојузници.
– Лично сметам дека ова е само закана, само заплашување на Украина и на околните држави, но и на членките на НАТО, за да не ја поддржат Украина, да не ја снабдуваат со оружје и да не ѝ помагаат да се одбрани. Сметам дека засега нема да се случи нешто такво, бидејќи со тоа светот фактички ќе се уништи, рече Кастрати.