Килограм овчи кашкавал по цена од 1.305 денари за килограм, е актуелна тема денес, откако на социјалните мрежи се објавија фотографии од производот, направени на рафтовите во маркети во земјава.
Станува збор за кашкавал кој е производ на млекара ,,Галичник”, а цената која е превисока за домашниот стандард го разгоре интернетот.
Сепак, како што за ,,Фокус” појаснува Александар Димовски, управител во млекарата ,,Галичник” која го произведува кашкавалот, се работи за ексклузивен традиционален производ, рачно приготвен, во лимитирани количини.
-Млекара Галичник има свои погони во Градско и во Галичник. Произведуваме овчи кашкавал и овчо сирење. Цената на сирењето изнесува 390 денари за килограм, а пак за овчиот кашкавал, станува збор за мало покачување на цена. Оние кои се запознати со нашите производи знаат дека овој кашкавал е традиционален, рачно правен, тоа е ексклузивен производ, еден вид на посластица.
Пред осум години цената му беше 900 денари за килограм, потоа во изминатите години се покачи на околу 1.100 до 1.200 денари.
Сега, кога цените на сите производи се во значителен пораст, ова покачување од 1.200 на 1.305 денари и не е така високо – појаснува.
Додава дека годишно произведуваат по околу четири до пет тони од кашкавалот, односно количините биле лимитирани.
-Ќе повторам дека ова е ексклузивен производ, кој не се јади секој ден. Дај Боже да може и секој ден да си го дозволат луѓето, но всушност цената е таа, најмногу поради специфичното рачно изработување – ни изјавија од млекарата.
Цените на производите периодов вртоглаво растат. Млечните производи, односно млекото, јогуртот, сирењето и кашкавалот, како што појаснуваат производителите на млеко, се во пораст бидејќи растеле и цените на енергенсите.
Вики Клинчарова