Владината коалиција е коректна и покрај несогласувањата околу законот за бранителите, вели градоначалникот на Тетово и претседател на движењето „Беса“ кое е дел од коалицијата „Вреди“ која партиципира во Владата.
Според Касами, коалицијата „Вреди“ функционира одлично, а за односите во владината коалиција вели дека имаат многу заеднички точки, но и нешта за кои се разликуваат.
„Ние може да гарантираме дека сè додека ‘Вреди’ е дел од владината коалиција, нема да има уназадување на правата на Албанците“, вели Касами.
Што се однесува до законот за бранителите, кој изминатиот период предизвика многубројни реакции меѓу политичките партии, Касами вели дека во време кога Демократската унија за интеграција (ДУИ) била на власт најмалку три пати е променет законот каде што се дадени права на бранителите и ДУИ, како што вели тој, никогаш не кренала глас.
„Имаше изјава на еден функционер на претходната Влада кој тврди дека и овие измени кои сега се обидуваат СДСМ и ДУИ да ги протуркаат биле веќе договорени со Али Ахмети. Затоа го повикувам да не биде дволичен, нека признае дека, сè што е дадено на бранителите, а не е дадено на војниците на ОВК, е придобивка на Али Ахмети. И тој треба да излезе и како маж да го каже тоа“, рече Касами.