Скандалот во Специјалното јавно обвинителство е најголем неуспех и разочарување на македонските граѓани, што ќе влијае и врз понатамошните аспирации на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО, смета лидерот на БЕСА Биљал Касами. Тој оценува дека владата на чело со Зоран Заев повеќе нема кредибилитет и затоа, според него, неопходни се предвремени парламентарни избори.
– Ако сега не е време за предвремени парламентарни избори, тогаш јас не знам кога во Македонија било понеопходно да се организираат предвремени избори. Во моментите кога граѓаните ја изгубија и последната надеж дека оваа Влада може да го води интегративниот процес, јас мислам дека премиерот Заев треба да собере храброст и да распише предвремени избори – вели Касами.
Тој додава дека граѓаните на Македонија имаат потреба од нова политичка и државничка елита, која, како што истакнува, ќе работи за иднината на евроатланска Македонија.