Претседателот на Движењето БЕСА, Билал Касами, синоќа информирал дека е разговарано со претседателот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари тој да биде шеф на државата на следните претседателски избори.
„Разговарано е со Таравари и тој се смета за соодветен кандидат за претседател Албанец на изборите“, изјавил Касами во синоќешното интервју за приштинската „РТК“. Сепак не навел дали градоначалникот на општина Гостивар се согласил со ваквиот предлог.
Касами додал дека не е првпат косовскиот премиер Албин Курти да го поддржува албанскиот политички фактор во Македонија. Според него, тоа е поради неговиот придонес како претседател на Самоопределување и сега како премиер на Косово.
Првиот човек на Беса изјавил дека Курти заедно со претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца биле дел од изборните кампањи во неколку изборни циклуси.