Лидерот на БЕСА Биљал Касами во денешното гостување на Утрински брифинг рече дека неговата партија била за формирање на една опозициска коалиција на албанските партии, меѓутоа, како што посочи, Алијансата на Албанците на Зијадин Села настојувала во коалицијата да влезе и владејачката Алтернатива предводена од Африм Гаши.
– Алијансата на Албанците даде конкретен предлог и настојуваше во овој блок да се вклучи уште една партија која во моментов е дел од владината коалиција. Тоа инсистирање беше пречка ние порано да се одлучиме да одиме во тој формат на соработка и предизборна коалиција. Но, разгледувајќи ја ситуацијата и инсистирањето кое на моменти можеше да биде пречка да се постигне договор за соработка со Алијансата на Албанците, ние на последната седница на ЦО одлучивме дека, иако може вклучувањето на една партија од владината коалиција да наштети на една чиста опозициона опција која би била многу поедноставно понудена кон гласачите, да не бидеме пречка кон обединување на албанскиот фактор во Северна Македонија и го прифативме тој услов – рече Касами.
Тој додаде дека поважно од тоа дали БЕСА ќе победи на изборите е ДУИ за загуби со цел, како што рече, да дојдат политички промени и кај Албанците, како што, условно кажано, се случија и во македонскиот блок на претходните избори.