Лидерот на едно од крилата на БЕСА, Биљал Касами и премиерот, Зоран Заев, за утринава имаат закажано нова средба на која се очекува да се дојде до решение како би се одблокирал процесот за уставни измени во Собранието. Генералниот секретар на БЕСА на Касами, Аријанит Хоџа, изјави вчера за Тв21 дека тоа што е дискутабилно е во делот на уставниот закон што го регулира државјанството.
Придавката „македонско“ при преводот на албански, според Хоџа, има поинакво значење, поради тоа БЕСА предлага амандман според кој „за граѓаните од албанската етничка припадност, во прописите и другите акти на државните органи државјанството на македонски јазик да гласи ‘македонско/граѓани на Република Северна Македонија’, на албански јазик да гласи ‘eMaqedonisë/qytetar i Republikës së Maqedonisë Veriore’ (во превод ,,од Македонија/граѓани на Република Северна Македонија“, и на англиски “macedonian/citizen of Republic od North Macedonia“.
Ваквиот предлог наводно бил прифатлив за премиерот, но не и за осумте пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
-Преводот од македонски на албански има двосмислено објаснување. Точно е дека парламентарната седница се одложи бидејќи немавме договор, но ова не значи дека процесот е блокиран. Ние сме во постојана комуникација и утре ќе има средба, верувам дека ќе имаме епилог. Можеби не утре, иако сме во притисок со времето, но не сакаме брзејќи да дојдеме во ситуација која во иднина скапо ќе не чини – изјави Хоџа.