Претседателот на БЕСА и еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами, изјави дека е свесен оти премиерот Христијан Мицкоски е мандатар и дека тој одлучува кој ќе биде министер. Сепак, додаде дека сè додека станува збор за политичка влада во која учествува БЕСА како дел од коалицијата ВЛЕН, неговата партија ќе одлучува кој министер ќе биде предложен од нејзина страна.
На прашањето дали министерот Фатмир Лимани ќе остане на функцијата, Касами истакна дека партијата донела одлука да се направи оценка на работата на сите функционери.
„Во тој дел, јас лично ќе се ангажирам сите функционери да достават извештаи за сработеното, по што ќе донесеме одлука дали сме задоволни од нивната работа, меѓу кои и од работата на Лимани“, изјави Касами синоќа на прес-конференција.
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство, како продолжение на процесот за спојување на ВЛЕН во еден политички субјект. Собранието оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што ја сочинуваат коалицијата.
„Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и на сите Албанци“, соопшти вчера Касами.