Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците беше синоним за злоупотреба од Артан Груби и ДУИ на институциите, па затоа не би сакале да продолжиме да бидеме налик на нешто што сме го критикувале, вели претседателот на Движењето Беса и еден од предводниците на коалицијата „Вреди“, Билал Касами, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Според Касами, позицијата министер за односи помеѓу заедниците не била програмска определба на ВЛЕН, а дополнително и поради честите злоупотреби кои, како што кажа, ги правел министерот Груби, не сакаат да го добијат во распределбата на владиниот колач.
„Мислам дека тоа беше едно од министерствата кои беа синоним на злоупотреба на Груби и на ДУИ на институциите и знаеме дека во рамките на тоа министерство беа фиктивно вработени многу граѓани кои потоа немаше каде да одат на работа… Како да беше дизајнирано за Артан Груби за да му се најде место и беше еден од примерите како претходната влада работеше наместо да најде соодветни кадри за институциите. Се знаеше дека претходно тоа беше Секретаријат за имплементација на Охридскиот рамковен договор, па потоа направија министерство, па го ставија и политичкиот систем, па го додадоа и прв вицепремиер… Затоа, не би сакале ние да продолжиме да бидеме налик на нешто што сме го критикувале“, вели Касами.
Лидерот на БЕСА не сакаше да открива детали во однос на тоа колку вицепремиери ќе добие коалицијата „Вреди“, но потврди дека позицијата прв вицепремиер ќе остане и во новата влада.