Тетовскиот градоначалник и лидер на Беса, Билал Касами, денеска во улога на домаќин ја пречека и ѝ посака добре дојде на косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу, која во рамки на дводневната посета на земјава, денеска беше во Тетово.
Касами рече дека тој, но и сите тетовчани се почестени од доаѓањето на претседателката на Косово, која за првпат е во официјална посета на земјава.
„Тетово, како еден од главните градови во Македонија, еден од најважните градови после Скопје, каде што мнозинство од граѓаните се Албанци, е мостот на соработка меѓу Македонија и Косово. Затоа јас како градоначалник ќе продолжам ова да го негувам и понатаму со сите држави во регионот, особено со Косово, со кое имаме големо заедничко минато, но имаме и многу заедничко да споделиме во делот на интегрирањето на нашите две држави во Европската Унија“, рече Касами.
Тој информираше дека на косовската претседателка ѝ подарил „клуч на градот“, па, како што вели, Тетово отсега е дом и на претседателката Османи-Садриу.