На вечерашното основачко собрание на тетовскиот огранок, Беса ја официјализираше кандидатурата на партискиот лидер Биљал Касами за градоначалник на Тетово.
-Тетово не бара импровизација во работата, бара системска работа. Општина Тетово не треба да вработува луѓе само за да пишуваат коментари на социјалните мрежи, платени медиуми за да нема критика и да не се кажува реалноста. Тетовчаните заслужуваат да знаат каде оди секој денар од општинската каса. Тетовчаните заслужуваат активно да учествуваат во трансформацијата на нивниот град. Овој град е толку важен и има толку можности – истакна Касами на партиското собрание.
Тој посочи дека со тимска работа ќе понуди промена за Тетово.
-Овој град треба да биде пример за чистота и зачувавање на животната средина. Општината треба да биде место за сите, а не за некого. Не парите на општината да одат за гласачката машинерија. Општината треба да биде отворена за сите, за секој граѓанин да биде горд што е жител на Тетово. На денот на изборите да му го вратиме сјајот на Тетово – порача Касами.
Негов противкандидат од ДУИ ќе биде актуелната градоначалничка Теута Арифи, додека коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива утре ќе го промовира нивниот кандидат.