Касами го уценува Заев и со брендот на Беса?

by fokus

Билал Касами, во пет до 12, го уценува премиерот Зоран Заев дека неговите двајца пратеници нема да гласаат за уставните измени доколку не ги прифати неговите услови. Она што јавно го соопшти Касами е дека условите се да нема македонско државјанство кај Албанците и да нема заштита само за македонската дијаспора, туку заштита на дијаспората на Македонија.

Од таборот на Беса, предводено од Африм Гаши, обвинуваат дека Касами можеби има и трет услов кој јавно не го кажува, а тоа е дека наводно ја користи шансата да го добие ексклузивитетот врз партијата Беса, бидејќи со Гаши со месеци спорот го решаваат на суд, односно кој да го добие правото партијата да ја нарекува Беса.

На оваа шпекулација засега не успеавме да добиеме коментар од Беса на Касами.

Судската одлука треба да следува наскоро, бидејќи на 20 декември Апелациониот суд одржа седница, разгледувајќи ја жалбата на Гаши. Имено, најпрвин првестепениот суд одлучи во корист на Касами, но Апелациониот суд ја укина пресудата и случајот го врати од почеток. Тогаш, и по втор пат, Основниот суд Скопје 2 одлучи во корист на Касами, а предметот сега повторно е пред Апелација.

По неколкудневното натегање на Касами со Заев, пратениците и членови на Беса на Гаши на нивните фејсбук профили објавија идентичен текст кој гласи: „Би ги замолиле медиумите да објават дека барањата се на Билал Касами, а не на Беса. Беса има јасен став. Само Нато и ЕУ”.

Гаши пак има тројца пратеници кои ќе дадат поддршка за уставните измени.

В.В.

 

Поврзани новости