Основен суд во Тетово испратил покана до локалната самоуправа во градот под Шар Планина со барање претставник на општината да дојде на судско рочиште закажано на 15 септември. Причина е сторен прекршок при пречекот на косовскиот премиер Албин Курти, а поради тоа што не беше спроведен Законот за употреба на грбот, знамето и химната.
Тетовскиот градоначалник кој е лидер на движењето БЕСА, Билал Касами, добил покана за распит во тетовскиот Суд поради настанот од 11 август. Како што се наведува, причина е интонирањето на албанската химна и веењето на албанските знамиња во македонскиот град.
„Уште еден обид за заплашување и молчење, што ме прави да разберам колку се плашат од албанската опозиција. Со овие дела ни ја зголемувате храброста. Повторувам, времето на заплашување и уцена на Албанците е мртво, како што умира и вашиот режим. Тоа го должиме само на граѓаните и на овој народ, бидејќи за вакви режими не се плашевме ниту во комунистичката ера ниту сега. Вашето време истече. Сметајте ги деновите!“ – напиша Касами на социјалните мрежи.