Популарната балканска турбо фолк пејачка Цеца Ражнатовиќ ќе гостува во Куманово Спа на 15-ти јуни, а настанот е најавен како ВИП концерт. За истиот влезниците се пуштени во продажба, и тоа за обична влезница цената изнесува 900 денари, додека пак ВИП пакетите се нудат по цени од 9.500 до 14.500 денари во ложа во првиот ред, маса за четири лица.
Уште во јануари Ражнатовиќ го најави своето гостување во Куманово на својата официјална страница, со зборовите дека се радува на претстојната дружба.
И минатата година таа беше честа гостинка во Македонија. Во јуни настапи на Мандра Фестивал во Дојран, како и во угостителски комплекс во Битола.
Пред гостувањето во Дојран, за српските медиуми изјави дека има многу договорени гостувања во Македонија, и порача дека луѓето не треба да се ограничуваат каква музика да слушаат.
– Секој нека го слуша тоа што му одговара на ушите. Нека си ја релаксираат душата, телото, умот. Тоа е поентата на музиката – кажа таа лани за српски Телеграф, пред концертот на Мандра Фестивал.
Минатото лето, таа пееше и на свадба на познат бизнисмен во локал во Скопје, а пак годинава во јануари пееше и на Ромскиот бал во организација на Габриел Бајрам и Сојузот на Ромите, во хотелот Александар Палас во Скопје.
Во Куманово Спа пак, каде е најавен нејзиниот следен концерт, пред неколку дена гостуваше Саша Ковачевиќ, а наскоро концерт ќе одржи и Ацо Пејовиќ.
Вики Клинчарова