Карпузовска за „Фокус“: Нема застој во издавање на согласност за приклучок на фотоволтаици, но дозволите за градба не зависат од ЕВН

by Fokus

Во време кога Македонија се соочува со сериозна енергетска криза, а недостигот од капацитети за производство на електрична енергија станува сè поевидентен, зачудува незаинтересираноста на државата да го олесни и помогне процесот на инсталирање фотоволтаици кај домаќинствата, но и кај компаниите.

Државното субвенционирање за поставувањето фотоволтаични колектори на покривите на индивидуалните куќи како да го нема,  инвестицијата се движи од 7.000 евра, па нагоре, а  исплатливота доаѓа и по 15 и повеќе години.

Голем дел од граѓаните се прашуваат колку трае процедурата за добивање потребна дозвола, експертите притискаат инсталирањео фотоволтаици да биде само со еден документ, но дали сето тоа е можно:

Од ЕВН велат дека рокот за сите поднесени барања од домаќинствата и малите компании е запазен од страна на ЕВН Хоум, како и од Електродистрибуција за барања за согласност за приклучок во мрежата кои доаѓаат од поголеми компании за производство на електрична енергија од фотоволтаици.

Дали има интерес од домаќинствата и компаниите

– Според нашата евиденција 10 физички лица и 6 мали компании кои се снабдуваат со електрична енергија на регулираниот пазар (преку ЕВН Хоме) имаат поднесено документација за склучување договори за снабдување со електрична енергија и продавање на вишок произведена електрична енергија со ЕВН Хоме, вели Ленче Карпузовска, одговорна за комуникации во ЕВН Македонија, за „Фокус“.

Таа додава дека и 92 физички лица и 251 мали компании имаат инсталирано фотоволтаични системи и треба да го регулираат снабдувањето и продажбата на електрична енергија односно да поднесат документација за склучување договори за снабдување со електрична енергија и продавање на вишок произведена ЕЕ со ЕВН Хоме.

Која е процедурата до ЕВН?

Согласност за приклучување кај корисници на регулиран пазар кои се под ЕВН Хоум за потрошувач-производител се издава од страна на КЕЦ (Кориснички енерго центар) во рок од 15 дена од датумот на поднесување на барањето БСП1 (Барање за согласност за приклучување). Замената на броилото, доколку е потребно, се врши по добивање на решение за поставување на фотоволтаични панели издадено од општината, при склучувањето на нов договор со ЕВН Хоум, појаснува Карпузовска.

Таа додава доколку вкупната моќност на издадените решенија за приклучок за производители и потрошувачи-производители не ја надминува вкупната моќност на производните постројки по трафостаница, се пресметуваат само административни трошоци. Издавање на нова енергетска согласност пак чини 3690 Ден. За сите останати случаи се пресметуваат реални трошоци за приклучување.

Потребни документи:

-Барање за нов приклучок
-Одобрение за поставување фотоволтаици од општина
-Имотен лист и
-Еднополна шема за фотоволтаици

Што треба да знаат граѓаните?

Постапката за приклучок без двосмерно броило е иста, заради потребата да се евидентираат промените во инсталацијата на објектот во Електродистрибуција. Разликата е само дека не се  менува броилото. Важно е да се нагласи во овој случај дека задолжително мора да се постави од страна на изведувачот на фотоволтаичниот систем ограничувач – лимитер за враќање на вишокот произведена електрична енергија кон дистрибутивниот систем, појаснува Карпузовска.

Таа додава дека во спротивно, вишокот произведена и вратена електрична енергија ќе биде регистрирана како потрошена.

Што е важно за компаниите кои бараат согласност за приклучок?

Според Карпузовска од страна пак на компании производители на електрична енергија со фотоволтаици досега во Електродистрибуција се поднесени околу 400 барања со инсталирана моќност од 160MW. Издадени се 307 согласности за приклучување, а останатите се во фаза на анализа и обработка за добивање согласност и истите ќе бидат затворени во законските рокови.

-Нема застој во издавање на согласност за приклучок. Но, добивањето дозволи за градба не зависи од ЕВН Електродистрибуција, како и многу други потребни документи кои се издаваат од други институции, општина, Катастар итн.

Кај компаниите кои инвестираат во производство на електрична енергија со фотоволтаици процедурата е следна:

-Се поднесува барање за приклучок во Електродистрибуција, потоа се добива решение и договор за приклучување и по потпишување и исполнување на условите во договорот се започнува постапката за физичко приклучување.

-Потребни документи согласно Закон за енергетика и закон за градба се Дозвола за градба или дозвола за поставување на панели на кров и тоа се основни документи.

-Потоа извод од Централен регистар, Имотен лист, Извод од Катастар, лиценца за производство од Регулаторна Комисија за енергетика и основен проект врз основ на кој е добиена дозволата за градба.

-Електродистрибуција има законски рок од 40 дена по поднесено барање за издавање на согласност за приклучување.

-А потоа 50 дена за физичка реализација на приклучокот и 70 дена за добивање евентуални дозволи за градба, за поставување кабли, трафостаници и генерално поставување на енергетска инфраструктура.

Кои проблеми може да настанат?

Како што појаснува Карпузовска, постоечката мрежа не ги задоволува потребите за градба на големи капацитети на обновливи извори и поради тоа е потребно надградба на мрежата што само по себе значи поголем временски период за изградба и реализација на приклучокот.

-Најголеми проблеми се јавуваат при постапките за обезбедување дозволи за градба на енергетската инфраструктура. Инвеститорите треба да бидат запознаени дека Електродистрибуција ја поминува истата постапка за вадење дозволи како и тие. Од нас се очекува градбата на фотоволтаичните проекти да отпочне веднаш по добивање на согласноста без обезбедени дозволи за градба, што не е можно и не би било законски, додава таа.

Соња Танеска

Поврзани новости