740
Граѓаните од населбата Карпош 4 продолжуваат со обидот да го заштитат зеленилото кое ќе настрада со новиот ДУП на општината. Тие денеска објавија мапа на која се гледаат објектите кои ќе треба да ги заменат парковите низ населбата.
Граѓаните тврдат со измените на ДУП-от драстично ќе се наруши урбанистичкиот концепт на населбата Карпош 4 и значајно ќе се влоши квалитетот на животните услови на жителите.
„Се предвидува големи локации каде има паркови, гаражи, продавници и др. да бидат пренаменети за изградба на паркинзи и станбени згради со деловни простории ( на пример на улицата ’Волгоградска’ гаражите и продавниците, куќите и околу неа во центар на Карпош 4 пред дневниот простор на ОУ ’Петар Поп Арсов’, голем паркинг на местото на парк позади низот на улицата ’Вич’, големи два паркинга на паркови и игрлишта за деца спроти Сити Мол и спроти сала Партизан итн.)“, објавија карпошовци.
Оттаму, сметаат потребно е да се организираат куќни совети на станарите, односно жителите, а заради запознавање со ваквата ситуација и да се организираат петиции за навремена реакција со цел, како што велат, да се спречи ваквиот начин на узурпација на животниот простор. Велат, петициите да се доставан до општината Карпош најдоцна до 25 август.
„Карпош 4 е една урбана населба во главниот град на Македонија. Една од ретките која е урбанистички добро испланирана и дефинитивно една од најубавите градски населби во Скопје. Најголемото богатство на ова урбано катче се неговите пространи паркови полни со зеленило и дрвја. Карпош 4 од височина изгледа како еден голем парк полн со живот“, реагираат дел од жителите преку социјалните мрежи.