Карпош во тотален мрак!

by Фокус

Изминативе денови, во Општина Карпош владее тотален мрак, бидејќи после полноќ не работеше уличното осветлување. Поради тоа, реагираа жители на оваа скопска општина, кои се жалеа дека темнината им го нарушува безбедното движење во доцните часови и претставува погоден амбиент за криминалците.

„Итно да реагираме за уличното светло во Карпош, итно. Живееме како во некое село, секоја вечер таксисот ме чека да влезам во влез од страв, како во хорор филм е. Манијакот во Антико е повторно присутен и вчера нападнал девојче“, напиша на фејсбук жителка на Карпош.

Друг жител на оваа општина, пак, повика сите заедно да поднесат граѓанска тужба против Општина Карпош и градоначалникот Стевчо Јакимовски заради, како што вели, ускратено граѓанско право на улично осветлување кое, истакнува тој, сите го плаќаат во сметките за потрошена електрична енергија.

Во меѓувреме, се огласи токму Јакимовски, кој изјави дека донеле ваква одлука од мака поради драстичното зголемување на цената на струјата. Според него, досега годинава се потрошени над 200 илјади евра за оваа намена, а толку биле предвидени за цела година.

-Поради екстремно високи сметки за електрична енергија, на располагање се две можности – да се штеди или да се зголеми цената за улично осветлување од 150 на над 500 денари месечно – рече Јакимовски.

Тој појасни дека општината набавила 173 тајмери кои после 1 часот по полноќ го гасат светлото.

-Во овој момент, со ова исклучување од 1 часот по полноќ до 5 часот изутрина ние штедиме само 30 проценти од сметката. Тоа значи на 7 милиони денари, заштедуваме 2 милиони денари. Тоа значи дека и вака треба дополнително да издвојуваме 50 илјади евра од буџетот на општината – вели Јакимовски.

Сепак, овие аргументи на градоначалникот не ги сопреа реакциите на граѓаните, кои велат дека станува збор за незаконска, противправна и противуставна за ограничување на јавното осветлување.

-Најсмешно е што кажува дека јавното осветлување драстично ке поскапело, како божем  тој да ја одредува цената која е утврдена и со тарифен систем, одобрена и утврдена како износ и од Регулаторна комисија за енергетика. Замислете како би било по овој пример да тргнат и другите општини, ќе ја замрачиме цела држава – гласи една од граѓанските реакции на социјалните мрежи.

Поврзани новости