Долги години СДСМ важеше за салонска и елитистичка партија, но ваквата перцепција почна да се менува после 2013 година, кога Зоран Заев го замени Бранко Црвенковски на лидерската позиција.
Оттогаш, партијата почна да добива друг тип на етикети, поради факторизирањето на структури од големите сдсмовски центри од внатрешноста, кои воспоставија превласт над таканареченото скопско крило.
Така, со текот на времето, се повеќе се употребуваше терминот „струмизација“ на СДСМ, со што се опишуваше трендот на позиционирање на блиски луѓе од доверба на Заев од Струмица на значајни позиции во партијата и државата.
Меѓутоа, по изборот на Димитар Ковачевски за нов партиски лидер, почна да се говори за „рескопјанизација“ на СДСМ, од причина што во кадровската понуда на Ковачевски доминираат сегашни, но и поранешни кадри од Скопје, а пред се од Карпош.
Иако по потекло е од Куманово, а неговиот татко своевремено беше и градоначалник на овој град, за матичен огранок на Ковачевски се смета токму Карпош, од кадешто патем доаѓа и новиот генерален секретар на партијата Миле Зечевиќ.
Покрај нив, од Карпош е и еден од четворицата нови партиски потпретседатели, Стефан Богоев, кој е довчерашен градоначалник на Карпош и поранешен претседател на партиската младина.
Исто така, поранешен градоначалник на Карпош од СДСМ стана старо-нов член на партискиот Извршен одбор. Станува збор за Андреј Петров, кој е и поранешен партиски генерален секретар.
Понатаму, во ИО на СДСМ остана уште еден препознатлив лик од Општина Карпош. Тоа е довчерашниот градоначаник на Скопје Петре Шилегов.
Притоа, за член на Централниот одбор на СДСМ беше избран уште еден човек од Карпош. Се работи за универзитетскиот професор Леонид Наков, кој, сепак, заедно уште еден професор, Мишко Ралев, е избран како стручњак, а не по територијален принцип.
–Во однос на застапеноста на кадри од Карпош, СДММ имала претседател од Карпош, СДСМ има претседател од Карпош и СДСМ имал организационен секретар од Карпош, меѓутоа не значи дека тие ги застапуваат интересите само на општина Карпош, туку на членството и граѓаните на цела држава – рече синоќа Ковачевски.
Имено, тој посочи дека новото раководството во СДСМ е направено врз основа на принципи за застапеност на родова еднаквост (50 отсто мажи, 50 жени), а, како што истакна, застапени се сите плански региони во државата.
Во таа насока, Богоев е избран за потпретседател од Скопје, градоначалникот Перо Костадинов од југоисточниот регион (Валандово), пратеничката Бисера Косдадиновска-Стојчевска од југозападниот регион (Битола).
Доколку се погледне новото раководство и новиот Извршен одбор на партијата, произлегува дека, после Карпош, доминираат кадри од Центар, од каде доаѓаат членовите Милена Стефановиќ, Нина Фити, како и новиот организациски секретар Вангел Андрески.
Воедно, од Центар е и заменик-претседателката на СДСМ Сања Лукаревска, која продолжува да ја извршува оваа функција врз основа на мандат добиен на последниот Конгрес.
Потоа, од Кисела Вода се старо-новите членови на ИО Дарко Каевски и Тања Томиќ, од Аеродром е Рената Јајовска, од Ѓорче Петров е Костадин Ацевски.
Што се однесува од внатрешноста, во новото извршно тело на партијата се Костадинов Костадинов од Струмица, Даниела Колева од Штип, Мелиса Ценовска од Тетово, Дритан Исмаили од Гостивар, Ивона Кузмановиќ од Куманово, Никола Рилак од Охрид.
В.С.