Каролина Гочева се најде помеѓу учесниците на музичката манифестација Евровизија кои имале најинтересна и импресивна промена на гардеробата на сцената, за време на настапот.
Се работи за видео изработено од страна на организаторите на Евровизија, во кое се вметнати кадри од учесниците кои од почетокот на одржувањето на Евровизијата, па се до сега имале највпечатлив моден стајлинг, но и промена на облеката додека ја изведувале песната, пред публиката.
Каролина со песната ,,Од нас зависи” со која ја претставуваше Македонија во 2002 година е една од избраните пејачки со, како што тврдат на официјалната страница на Евровизија, најзапаметена промена на фустан на сцената.
Покрај Гочева, на листата се наоѓаат и легендарните Аба, Дорис Драговиќ, Северина и уште десеттина учесници од останати европски земји.
Како мало потсетување, фустанот со кој таа настапи на манифестацијата во 2002 година е дело на познатиот моден креатор Александар Ношпал. Се работеше за златно – црвена комбинација, како симболика на боите на нашето знаме, со златен корсет и здолниште од раскошен црвен тул, кое на почетокот на изведувањето на песната беше покриено со ткаенина во потемна боја, која со еден потег на раката Каролина ја фрли на земја пред почетокот на рефренот на песната.
И покрај тоа што оригиналната креација на Гочева остана запаметена и денес, и се најде на видеото со највпечатливи модни моменти, сепак на Евровизија 2002 не ни донесе успех. Тогаш Македонија заврши на 19-то место, со 25 поени, и беше ставена на пауза од една година.
Годинава, нашата земја го потврди учеството на Евровизија, која ќе се случува на 14-ти, 16-ти и 18-ти мај во Тел Авив. Околу тоа кој ќе не претставува, како ќе се избира песната и исполнителот, дали ќе има промени во тимот на нашата евровизиска делегација, и колку средства од буџетот ќе бидат издвоени за настанот, нема официјални информации од страна на МРТВ.
Вики Клинчарова