Каролина, Наум и Пајак ќе пеат за Нова Година во Охрид, јавноста се уште не знае дали ќе има организиран дочек во Скопје!

by Fokus

Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков ги објави имињата на изведувачите кои ќе ги забавуваат граѓаните за новогодишниот дочек на градскиот плоштад во Охрид.
Каролина Гочева, Наум Петрески, Пајак, Take 5, DJ Gec и DJ Face ќе настапат на 31-ви декември, а пак наредниот ден, на први јануари, ќе следи дневна забава со Сара Мејс и „Балканикос Бенд“.

Во Охрид речиси се распродадени сместувачките капацитети, и како и минатата година, се очекуваат десетици илјади гости од земјава, но и од регионот. Покрај дочекот организиран од општината, најавени се гостувања на познати музички имиња и во повеќето приватни угостителски објекти.

За разлика од Охрид, но и повеќето градови во земјава кои периодов ги објавија новогодишните забавни програми, од метрополата се уште нема вести за евентуална организација на дочек на Новата година на плоштад.

Од Комората на музичката индустрија, која стоеше зад организацијата на музичкиот дел на дочекот во изминатите две години, неодамна ни изјавија дека се уште никој од Град Скопје не ги контактирал, и немаат никаква информација дали ќе има организиран дочек, и евентуално, доколку има, кои ќе бидат изведувачите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости