Вчера во Штарк Арена во Белград, соседна Србија се одржа првото издание на музичката манифестација МАЦ (MUSIC AWARDS CEREMONY), во организација на Скајмјузик продукција. На настанот кој го привлече вниманието на регионот настапија над 60 ѕвезди од Србија, Македонија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а околу 200 ВИП гости прошетаа на црвениот тепих. Манифестацијата ја следеа 15.000 гости во публиката и истата се пренесуваше на телевизиите со национална фреквенција во регионот. Беа изведени повеќе песни кои ги номинираа радио станиците од регионот, а публиката гласаше за своите фаворити онлајн.
И покрај многуте наши номинирани музичари, единствено Каролина Гочева ја доби наградата во категоријата за етно музика, заедно со Сања Илиќ и Балканика. Од Македонија, во категоријата модерна и традиционална фолк нумера на МАЦ беа номонирани Елена Велевска и Сузана Гавазова, но наградата ја добија Ацо Пејовиќ и Милица Павловиќ. Во категоријата поп машки изведувач од кај нас беа номинирани Александар Тарабунов, Давид Темелков, Лозано и Владо Јаневски. Ниту еден од нив не освои награда. Наградата од оваа категорија заврши кај Тони Цетински. Во категоријата поп женски изведувач од Македонија номинирана беше Магдалена Ена, додека во категоријата поп бенд не претставија Ај Кју и Пеперминт. И тие останаа без награди.
Марија Шерифовиќ ја доби наградата за поп женски изведувач, а Тропико и Лексингтон бенд беа победници во категоријата поп бенд. Без награди останаа и нашите претставници во алтернативна и електро поп нумера, Фолтин и Сара Мејс. Во категоријата музичко видео номинирани беа Некст Тајм со ,,Слушам кај шумат шумите”, ДНК со ,,Невозможна мисија” и ,,Лозано со Километри”. Наградите за музичко видео заминаа во рацете на Емина Јаховиќ и Милица Тодоровиќ.
ДНК, исто така беа наши единствени претставници во категоријата концерт, со концертот во Метрополис Арена, кој се одржа на 12 – ти мај 2017 година. Оваа награда заврши кај Аца Лукас. Во категоријата нов изведувач ги имавме Дупер, Антонија Гиговска, Лина Пејовска и Мина Блажев. Во истата категорија се натпреваруваа и ќерката на Цеца Ражнатовиќ, Анастасија и синот на Лепа Брена, Стефан Живојиновиќ, но наградата ја доби Марија Жежељ.
Вики Клинчарова