Карневалот го исполнува аманетот на предците, а истовремено ги брише и партиските поделби!

Некои од струмичките градоначалници, во годините наназад, за време на карневалот, се истакнале со свои уникатни карневалски маски и се приклучиле на традиционалната прослава на настанот, и нивниот карневалски избор секогаш го привлекувал вниманието на јавноста, а маските долго потоа се коментирале.

by Fokus

Пишува: Вики КЛИНЧАРОВА

Вековната традиција Струмички карневал, кој се одржува секоја година во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот велигденски пост, претставува еден од централните настани во Општина Струмица.

Некои од струмичките градоначалници, во годините наназад, за време на карневалот се истакнале со свои уникатни карневалски маски и се приклучиле на традиционалната прослава на настанот и нивниот карневалски избор секогаш го привлекувал вниманието на јавноста, а маските долго потоа се коментирале.

Иако настанот се одржува континуирано со векови, во 1990 година доживеал возобновување, а на чело на Организацискиот одбор на Струмички карневал е Александар Цицимов.

Тој вели дека, според правилникот што бил донесен во далечната 1990 година, покровител на карневалот е градоначалникот и Советот на општината, и досега секој градоначалник на тоа покровителство гледал како на голема чест.

Како што појаснува Цицимов, во 1990 година, на чело на градот бил Костадин Манолев, кој со воодушевување ја прифатил идејата за возобновување на карневалот и пружил огромна поддршка на Организацискиот одбор на Струмички карневал.

Секој градоначалник, во изминатите години и децении без двоумење максимално се вложи со своја поддршка за овој настан, кој е гордост на општината. Почнавме со Костадин Манолев, потоа на градоначалничката функција дојде Васил Грчев, па Кирил Јанев, Зоран Заев, Костадин Костадинов, Коста Јаневски, па повторно сега актуелниот градоначалник Костадин Костадинов.

Сите тие ја прифатија традицијата и се маскираа за време на карневалот, некои помалку, некои повеќе, со спектакуларни маски. Ќе ги издвојам градоначалниците Зоран Заев и Костадин Костадинов како едни од оние што секоја година посветуваа доста време околу изборот на карневалска маска, но и сите други се појавуваа на настанот со некаков карневалски реквизит, па дури и да се работеше само за венециска маска на лицето.

Еве јас, лично, уште се сеќавам на градоначалникот Кирил Јанев, чиј мандат траеше од 2000 до 2005 година, кога се појави маскиран како каубоец, беше тоа пријатно изненадување, бидејќи целосниот стајлинг му беше многу внимателно избран, но потоа кога Зоран Заев стана градоначалник, тој уште повеќе посвети внимание на карневалските костуми.

Бројни фотографии од неговите карневалски изданија се објавуваа во медиумите, тоа е еден интересен момент кога јавноста очекува да види како ќе се маскира првиот човек на општината, каков ќе биде неговиот избор на карневалска тема – раскажува претседателот на одборот, Цицимов.

Карневалските маски, посебно групните, кои вклучуваат поголем број карневалисти, се изработувале со месеци наназад. Некои од учесниците купувале маски и од странство, и околу нивниот избор секогаш се посветувало големо внимание.

Растежот на карневалот во изминатите години е неспорен, а со симболичното предавање на клучот на градот од страна на градоначалникот на карневалистите, се праќа пораката за отвореноста и гостопримството на Струмица.

Освен бројните посетители од целиот регион, па и од подалечни земји од светот, како и негување на старата традиција, Струмичкиот карневал е познат и како еден вид симбол на сплотеност меѓу граѓаните.

За да биде настанот организиран на ниво, професионално, и да ја прикаже Струмица во најдоброто светло пред светот, Цицимов вели дека секој граѓанин го дава својот максимум.

Тоа е еден настан што сплотува и ги брише сите различности. Кога станува збор за карневалот, како ретко кога, сите општински советници се сложни, сите до еден даваат сѐ од себе и имаме стопроцентна поддршка за секоја идеја што е од корист.

Нема политика, нема политички партии, ова е настан на градот и се работи посветено со заедничка цел – да заблеска нашата Струмица во најубавите карневалски бои, да оставиме позитивен впечаток, да имаме беспрекорна организација.

Пример за солидарност, за здружено дејствување на секој поединец, што на крај резултира со раст на карневалот и со сѐ поголем број посетители и поголема популарност и препознатливост во светот.

Се надминуваат разликите меѓу двете најголеми политички партии и сѐ функционира сплотено, во најдобар интерес на нашата Струмица – појаснува Александар Цицимов, кој посветил повеќе од три децении на карневалот, со кој градот го одбележува Тримери, празникот на армасаните, за кој се врзува карневалот.

РАМКА:

Во 2022 година, веднаш по симболичното предавање на карневалскиот клуч, беше промовирана монографијата за 30-годишниот карневал во организирана форма „Струмичко чудо“ од авторите Александар Цицимов и Катерина Милушева.

Монографијата го опишува развојот на оваа манифестација со посебен акцент на последниве три децении, кога струмичкиот карневал стана дел од Европската асоцијација на карневалските градови и стана еден од најдобрите улични карневали во Европа.

Поврзани новости