Карлеуша со приватен авион во Охрид, а ние ни за автобуска карта немаме, се пожалија нашите музичари

by Fokus
Српската турбо-фолк ѕвезда Јелена Карлеуша синоќа настапи во Охрид, во Егоист бич бар, со што ја прекина својата седуммесечна пауза поради корона вирусот и им се врати на настапите во живо.

Пејачката со своите обожаватели вчера ги сподели фотографиите и видео клип, на кој се гледа како со приватен авион пристига во Охрид, па кратко напиша – Здраво Охрид. На сцената во Егоист се појави во провокативно издание, а постојано ја придружуваа танчерките кои играа во облечени само во танга гаќи, пред околу 500 гости.

Веста дека Карлеуша дојде во Охрид со приватен авион и повторно покажа како живее во луксуз, додека поголемиот дел од естрадата во регионот едвај сврзува крај, ги разгневи нашите музичари.
На социјалните мрежи тие реагираат бидејќи наместо со цел да им се помогне, не се ангажираат македонски пејачи, туку повторно големите хонорари за настапи завршуваат кај пејачите од странство.
-Ние ниту за автобуска карта немаме, а Карлеуша ни парадира со приватни авиони. Нашето никогаш не сме си го ценеле – реагира наш саксофонист, а го поддржаа негови колеги. Да знаевме, на аеродром со леб и сол да ја пречекаме – иронично коментираат музичарите. Нивните поплаки дека корона кризата ги оставила без денар се се погласни. И покрај тоа што околу 60 наши музичари добија владина помош во износ од 14.500 денари, за два месеци, најавија дека повторно ќе бараат финансиска поддршка.
Од Здружение на естрадни уметници за ,,Фокус” пред две недели изјавија дека во план им се три варијанти на барање на помош за естрадните уметници, но дека се прецизираат деталите.
Најверојатно, ќе барале минимални плати до крајот на годината, субвенции или пак паушал, во зависност од тоа како ќе се договорело членството на здружението, бидејќи поголемиот дел од музичарите биле оставени без приходи уште од месец март.
Вики Клинчарова

Поврзани новости