Балканската музичка ѕвезда Јелена Карлеуша по седум месеци пауза од настапи, поради пандемијата со корона вирус, во сабота, на петти септември, ќе настапи за првпат. Нејзиното враќање на настапите во живо, пред публика, ќе се случи во Охрид, во бар-ресторанот Егоист.
Билетите веќе се пуштени во продажба и било планирано присуство на околу 500 гости, со цел да се запазат здравствените протоколи.
-Карта за концертот на Карлеуша за едно лице изнесува 600 денари, но мора да направите и резервација на маса. Во резервацијата е вклучен и пијалок по избор, шише вотка или виски со тоник или друг освежителен пијалок, и тоа чини дополнително од 4.800 до 9.000 денари, во зависност од пијалокот – појаснуваат од Егоист на телефонскиот број оставен за резервации.
Додаваат дека на маса ќе биде дозволено да има по четири лица, а на прашањето кој е организатор на концертот, ни одговорија дека е во организација на Егоист. И пејачката се пофали на социјалните мрежи дека по седум месеци пауза од настапи, ќе го крши мразот со концертот во Охрид.
-Се гледаме на 5-ти септември во Охрид и на 16-ти во Белград! Капацитетот е намален, и преземени се сите мерки потребни да се заштити вашето здравје. После седум месеци ова се моите први настапи и многу сум среќна што повторно ќе застанам пред мојата публика – порача Карлеуша.
Инаку, барот Егоист е популарно збиралиште на јавни личности од земјава во тек на летото. Модели, бизнисмени, политичари и музичари, можат да се забележат во барот или пак на лежалките на плажата.
Голем број на познати музички имиња имаа свои настапи изминатиот период, помеѓу кои Хари Мата Хари, Марко Логаут, диџеј Никифор, група Сарај, Куку Леле, Камелеон.
Пред четири дена беше најавен концерт и на Петар Грашо, но истиот беше одложен поради здравствени причини.
Вики Клинчарова