Фудбалската селекција на Бразил има нов селектор, се вика Доривал Јуниор.
Искусниот стручњак потпиша договор до Светското првенство во 2026 година, објави Фабрицио Романо.
Доривал Јуниор имаше понуда од својот Сао Паоло да продолжи да го води гигантот од „Морумби“, но покана од селекцијата на Бразил не пристигнува секој ден.
Специјалистот кој го одведе Фламенго до Копа Либертадорес во 2022 година ќе дебитира на пријателските натпревари против престижните ривали Англија и Шпанија во март годинава.
Поранешниот дефанзивен играч за врска на клупата на петкратниот светски шампион ќе има тешка работа да го разбуди заспаниот гигант откако Бразил забележа три порази и една нерешена во последните четири натпревари од квалификациите за СП 2026 година.
Едналдо Родригес, претседателот на Бразилската фудбалска асоцијација, во јули изјави дека во летото 2024 година Анчелоти ќе ја преземе таа селекција, но легендарниот Италијанец, сепак, реши да му остане верен на Реал Мадрид.
Откако Бразил се раздели со Тите по Светското првенство во Катар, Фернандо Диниз ја презеде репрезентацијата и паралелно раководеше со Флуминенсе.
Иако тој стручњак го предводеше Флу до првата јужноамериканска шампионска титула, не се прослави на клупата на репрезентацијата – забележа три порази, едно реми и две победи во квалификациите.
Во текот на својата тренерска кариера Доривал водеше многу клубови, а освен Сао Паоло и Фламенго, меѓу другите, Атлетико Минеиро, Атлетико Паранаенсе, Интернасионал, Васко де Гама, Флуминенсе и Палмеирас.