Коста Карев, неколкукратен член и претседател на Комисијата која одлучува по конкурсите за доделување на субвенции за поддршка на домашната музичка индустрија, и покрај најавата од пред неколку денови, дека прави документ во кој ќе ги сумира сите податоци од спроведените конкурси, по што јавноста ќе ги добие точните податоци околу тоа кои пејачи, односно автори се рекордери во добиени државни пари, сепак се уште не го изготвил ветениот документ.
Вели дека прекинал да го прави документот, бидејќи никој не се интересирал за резултатите.
-Никој не покажа интерес, па прекинав да го правам. Ќе ги сумирам сите резултати кога ќе имам време – ни изјави Карев.
Кога го информиравме дека ,,Фокус’’ се интересира и сака да ги објави списоците на кои јасно ќе бидат наведени имињата на авторите рекордери и сумите кои ги добиле од државната каса, тој не ни одговори кога точно и дали воопшто тоа ќе се случи.
Останува нејасно и тоа како до сега, не се сумирани овие податоци од страна на жири комисијата која одлучуваше по конкурсите за доделување на субвенции. Станува збор за субвенции во износ од околу два милиони евра, кои во изминатите неколку години, односно од 2014 година, па натаму, биле поделени на наши пејачи и автори, со цел да творат домашна музика. Неофицијално, исти автори во тек на изминатите години добиле и по неколку десетици илјади евра по основ на субвенции.
Според најавата на поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, во чиј мандат беше донесен законот за субвенционирање на домашната музичка индустрија, идејата беше секоја година да се одвојуваат 512 илјади евра државни пари, со цел да се стимулира продуцирањето на популарна македонска музика, забавна, народна, музика за деца, композиции за афирмирање на историјата на Македонија, како и песни за афирмирање на семејните вредности и многудетните семејства.
Помеѓу наградуваните автори, често се вртеа имињата на Христијан Габроски, алијас Ристо Бомбата, Роберт Саздов, Александар Ристовски – Принц, Ѓорѓи Крстевски, Ристо Апостолов и многу други.
По бурните реакции во јавноста околу тоа како субвенциите се неефективен метод за поттик на творештвото, и како станува збор за песни кои не станале популарни, а сепак за нив се потрошиле огромни средства од буџетот, Министерството за култура најави укинување на законот за субвенции.
Вики Клинчарова