Македонските репрезентативци, членови на Карате клубот Макпетрол од Скопје, успешно го завршија и вториот дел од подготовките кои се зацртани со планот и програмата на клубот за учество на Светската премиер карате лига во Лисабон, Португалија и Европското сениорско првенство во Пореч, Хрватска. Каратистите се вратија од еднонеделни подготовки кои ги направија во Подгорица, Црна Гора заедно со каратисти од комплетната репрезентација на домаќинот, но овој пат и со репрезентативци од Украина, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија, во периодот од 16-ти до 22-ри Април 2021 година.
Овие подготовки се втора фаза во подготвителната тренажна периодизација која е осмислена од стратегот на клубот Бошко Заборски, а директно на татамите ја спроведува натпреварувачот и тренер Петар Заборски, кој беше предводник на Македонските каратисти во Подгорица. На подготовките учествуваа: Петар Заборски, Петар Спасеновски, Давид Петков, Глигор Петков, Абдурахим Идризи, Моника Пендаровска , Анѓела Мојсовска и Викторија Јовановска.
„Во услови кога во нашата држава се засилија мерките за претпазливост поради пандемијата, ние моравме да изнајдеме начин да не ја прекинеме нашата подготвителна програма. Затоа веднаш заминавме за Црна Гора, каде што со најелитните каратисти од Балканскиот регион и заедно со репрезентацијата на Украина, направивме извонреден тренинг камп, каде што имавме извонредна можност да ја проверивме нашата моментална форма. Формата ја темпиравме пред се за светската лига во Лисабон, каде сме пријавени за учество на престижен турнир во организација на Светската карате федерација. Во Португалија ќе учествуваме со 4-ри каратисти од нашиот клуб, сите високо рангирани на светската ранг листа во своите тежински категории. За Лисабон-Португалија, заминуваме во четвртокот, на 29.04.2020, а ќе останеме се до 3-ти Мај. На турнир од Светската премиер карате лига ќе учествуваат: Петар Заборски-75 кг, Петар Спасеновски-84 кг, Абдурахим Идризи -60 кг и Мојсовска Анѓела -68 кг.
Исто така, подготовките во Подгорица се значајни и за нашите репрезентативци кои ќе учествуваат на Европското сениорско првенство кое ќе се одржи во Пореч, Хрватска, во месец Мај оваа година.
После враќањето од Лисабон веднаш продолжуваме со припреми, но сега, домаќини ќе бидеме ние, Карате клубот Макпетрол и сега црногорските репрезентативци ќе дојдат во Скопје заедно со нивниот селектор Жарко Раковиќ, наш голем пријател и соработник.“ – изјави Петар Заборски, тренер во Карате клубот Макпетрол.
ПР