Јавноста да знае дека СДСМ е партијата која е историски стабилизатор на оваа држава, порача заменичката претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова Пановска во интервју за неделникот Фокус.
Во интервјуото Каранфилова Пановска посочува дека никогаш во својата историја СДСМ не дестабилизирала, туку е партијата која историски ги носела сите одлуки кои биле секогаш тешки, во интерес на стабилноста и напредокот, но ниеднаш не се покажале како погрешни за интересите на државата, иако директно самиот СДСМ го чинеле многу.
„Да се вратиме од 1991 година, преку ОН и референцата, преку охридскиот договор, па се до преспанскиот договор со кој влеговме во НАТО. Да се вратиме дека според сите параметри и мерења, меѓуетничките односи беа најстабилни во времето на претходната влада. Оттаму сметам дека се безобразни обивнувањата и политичките обиди СДСМ да се етикетира како партија која дестабилзиира. ВМРО-ДПМНЕ е партија која за жал, водела политка на поделби и дестабилизации, партија која го уништувала сврзното ткиво во оваа држава, која градела политики на омраза и лажен патриотизам. И ова е историската вистина за политиката во Македонија во последните 30 години. И затоа ние никогаш нема да бидеме исти со нив“, рече Каранфилова Пановска.
Говорејќи за политиките на властам Каранфилова Пановска, потенцираше ВМРО ДПМНЕ ја води државата во слепа улица.
„Се плашам дека ризикуваме изолација и застој во најопасниот и најнестабилниот период во поновата историја на Балканот. Без перспектива напред, се подблабоко заглавени интеграции, закопани ставови во ровови кои знаеме каде не донесоа порано. И ова е огромен ризик за граѓаните и безбедноста. Мојата сумарна констатација е дека ВМРО-ДПМНЕ не води во слепа улица. Што побрзо се освестиме како општество и се спротиставиме на овие политики, тоа подобро за секој граѓанин на оваа држава“,рече заменичката претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска.