Каракамишева со последен повик до Иванов да ги амнестира осудените за тероризам

by fokus

Професорката на правниот факултет, Тања Каракамишева, која беше претседател на Комисијата за политички систем во ВМРО-ДПМНЕ, јавно го повика претседателот Ѓорге Иванов пред заминување да даде амнестија за осудените за 27 април.

„Претседателе Иванов, имате уште два дена да ја исправите историската неправда кон уставобранителите. Имате полно уставно и законско право да ги ПОМИЛУВАТЕ. Вашето евентуално ново помилување, како и сите до сега извршени помилувања кои Вие под притисок на меѓународниот фактор ги повлековте, согласно меѓународното кривично право се неотповикливи и апсолутни. И Вие и сите правници знаат ДЕКА ЕДНАШ ДАДЕНО ПОМИЛУВАЊЕ Е ЗАСЕКОГАШ ДАДЕНО ПОМИЛУВАЊЕ! НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПОВЛЕЧЕНО, НИТУ ПОНИШТЕНО ДАДЕНОТО ПОМИЛУВАЊЕ! Неправедно ОСУДЕНИТЕ за тероризам, Македонските патриоти ЗАСЛУЖУВААТ ВИСТИНСКА ПРАВДА!“, напиша Каракамишева.

Наспроти повикот на професорката, многумина правници, вклучувајќи ја и кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, тврдат дека претседателот го нема дискреционото право да помилува. Според правниците членот 11 од Законот за помилување, кој му го даваше ова право на претседателот, е мртов член, откако беше избришан со измени во Законот изгласани во Собранието.

Со ова не постои законска можност за помилување од страна на шефот на државата, туку постапката се води исклучиво преку Министерството за правда.

Поврзани новости