Професорката и претседателка на Комисијата за политички систем во ВМРО-ДПМНЕ, Тања Каракамишева, повикува на формирање на фронт во кој освен Македонците што живеат во Македонија, ќе земат учество и државјани од дијаспората, со цел, како што вели да се победи актуелната власт.
Каракамишева констатира дека граѓаните не се доволно запознаени со реалната состојба во државата. Вината ја гледа во медиумите. Дел ги нарекува „нивни“, а дел како што вели, „наши“.
„Драги Македонци, она што можам со сигурност да го кажам после многу поминати конференции, формални и неформални средби и контакти со интелектуалци и граѓани надвор е дека луѓето не се воопшто запознаени со нашите маки и со реалната состојба во Македонија. Нивните медиуми како и нашите селективно информираат и не ја даваат вистината на виделина. Многумина се фрапирани од реалните факти и состојби кои им се презентирани од моја страна и се шокирани од нивното непознавање на состојбата со човековите права на Македонците. Оттука, без да должам многу, замолувам да направиме еден заеднички и широк фронт на делување со сите загрижени Македонци кои живеат во Македонија и целата дијаспора и ЗАЕДНО ДА ГО ПОБЕДИМЕ ОВА ЗЛО!“, вели Каракамишева и додава дека опозициското движење е недоволно координирано.