Караџовски во „инспекција“ во Парламентот, пред првата седница во старата сала

by Fokus

Членови на Комисијата за заразни болести, меѓу кои и нејзиниот претседател Жарко Караџовски, денеска биле во Собранието, каде што имале средба со спикерот Талат Џафери, кој најави дека од јуни овој пратенички состав ќе почне да заседава во старата пленарна сала, која, поради ситуацијата со ковид-19, не е во функција од конститутивната седница во август минатата година.

-Денес имав средба со претседателот и претставниците на Комисијата за заштита од заразни болести кои извршија контрола на салите и на помошните простории, за да се констатира дали се исполнети сите услови Собранието да почне да ги одржува пленарните седници во сала „Македонија“, со почитување на мерките за заштита од ковид- 19, согласно со новите препораки на Владата, откако службата, пратениците, обезбедувањето и другите секојдневно присутни во Собранието го завршија процесот на имунизација, објави Џафери на Фејсбук.

Минатата седмица, тој објави дека планот е првата нова седница во старата сала да почне на 8 јуни.

Во салата „Македонија“ се одржуваа пленарните седници од македонскиот парламент од почетоците на плурализмот во земјава во 1990 година. Но, поради епидемијата, пратениците од десеттиот собраниски состав го почнаа мандатот во т.н. сала со куполи, која овозможува одржување на дистанца, но во која нема можности за електронско гласање и за директно присуство на медиумите, за разлика од „вистинската“ пленарна сала.

Овој собраниски состав, од самиот почеток, се соочува со проблеми со кворумот, меѓу другото, и поради тоа што во изминатите 10 месеци, постојано имаше пратеници од мнозинството кои се заразени со коронавирус. Очекувањата се дека тие проблеми ќе бидат надминати во голем дел по вакцинирањето на сите пратеници, како и на собраниските служби.

 

Поврзани новости