По 13 години пауза, овој јануари ТЕЦ „Неготино“ ги отвори вратите за пратки мазут тешки 38 илјади тони. ЕСМ склучи договор во четири очи, но повеќе од два месеца не ја објави фирмата што ја добива оваа зделка. Праксата да не се објавуваат клучни информации поврзани со енергетската криза последните шест месеци е речиси формална политика на државната компанија.
ИРЛ дојде до информација дека договорот за ТЕЦ „Неготино“ го добила контроверзната компанија РКМ во сопственост на бизнисменот и поранешен политичар Ратко Капушевски. По долги убедувања дали ова е информација од јавен карактер, ЕСМ за ИРЛ откри која е фирмата и сподели дел, но не и целиот договор.
ЕСМ и РКМ склучиле два договора, со вредност од над 112 милиони евра. Првиот договор е склучен пред три месеци, на 3 декември 2021 година. Јавен повик немало, туку ЕСМ испратиле барање со понуди за набавка на мазут до сите лиценцирани македонски увозници во вредност од 22 милиони евра за набавка на 38 илјади тони мазут. За оваа набавка Владата ги помогна ЕСМ со 15 милиони евра буџетски пари.