Министерството за правда отвори канцеларија за бесплатна правна помош во Општина Шуто Оризари. Министерот за правда Кренар Лога и градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш потпишаа Меморандум за соработка .
,,Наша обврска е на сите граѓани да им обезбедиме соодветни независни и непристрасни судски механизми.Со ова на граѓаните кои се во тешка финансиска состојба ќе им се овозможи да добијат правна помош од адвокат и фер судење.На овој начин покажуваме дека се грижиме за ранливите категории граѓани” , рече министерот за правда Кренар Лога.
Министерот Лога рече дека лани биле поднесени 291 барање за секундарна правна помош од кои 231 се одобрени . За примарна правна помош услуга добиле 3.330 граѓани.Најмногу барања за бесплатна правна помош има од областа на семејното право како што се бракоразводни парници, старателство врз деца, оставински постапки, имотни , работни спорови, должничко -доверителски односи за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за застапување на жртви од семејно насилство, за спорови со осигурителни компании.
На отворањето на канцеларијата за бесплатна правна помош присуствуваа претставници од УНХЦР и Канцеларијата на Совет на Европа.
Граѓаните може да се информираат за правото кое државата го дава во вид нa бесплатна правна помош на веб страницата pravnapomos.mk