1.3K
Кога минатата недела ,,Фокус’’ објави фотографии од познатиот рокер и поет, Симеон Иванов – Канго, јавноста беше изненадена од неговиот изглед. Неговиот знак на препознавање, бујната коса која ја негуваше со децении, ја немаше повеќе, па остана да лебди прашањето – Што се случува со Канго?
Откако не успеавме да добиеме одговор од него, во јавноста се пласираа најразлични шпекулации, од тие за разонода, дека во минатото најверојатно носел перика и рокерската фризура била само мит, до оние тешките, дека рокерот најверојатно има некоја мака, болест…
По тој повод, кочанчанецот реши да стави крај на разните претпоставки и ја раскажа вистината за тешката болест со која се соочил минатото лето, и со која се уште се бори.
Преполн со позитивна енергија, како да прераскажува филм, тој се наврати во времето кога ги почувствувал првите симптоми, но ниту на сон не можел да претпостави што всушност му се случува.
,,Ова не е нешто кое што треба да се стави под тепих и да се крие. Напротив, треба отворено да се збори, оти знам дека не сум единствениот, туку не има илјадници во Македонија кои што минуваме низ нешто слично. Се започна лани, кога почувствував болка во коските. Имам 66 години, не сметав дека тоа е нешто невообичаено за мојата возраст, иако отсекогаш сум бил витален и здрав човек. Но болките не поминуваа, па заминав на преглед, мислејќи дека се работи за некоја потешка настинка. Од еден преглед на друг, од една клиника до друга, стигнав до Скопје. Дијагнозата – рак на простата, со метастази на коските.
За некое чудо, јас воопшто не се исплашив кога ја дознав вистината за болеста. Напреден трет стадиум, лоша работа. Докторката постојано ми повторуваше како не сум дошол порано. Смирено и реков, како да дојдам кога ништо не ме болеше? Па дури и на стоматолог одиме дури тогаш, кога ќе не здоболи забот. Не бев погоден пациент за операција во овој стадиум, па започнавме со хормонски терапии’’ – раскажува музичарот.
Вели дека на почетокот од терапиите се чувствувал добро, имало напредок, но во април годинава состојбата му се влошила. Му било кажано дека ќе мора да започне со хемотерапија ако сака да се избори со болеста.
,,Знам што значи хемотерапија, знаев дека ќе ја изгубам и косата, но не се нервирав поради тоа. Сега еве, го завршив третиот циклус, наредните денови го започнувам четвртиот. Косата ми опадна, но нова коса започна повторно да ми расте. Тоа не е страшна работа, барем јас така гледам на нештата. Имам позитивни мисли, постојано имам некакви активности,планови, не мирувам. Мислам дека и поради тој мој став, јас се чувствувам здрав, се однесувам како да не сум болен, како да е ова само една фаза од животот која што ќе ја надминам и се ќе се врати во нормала’’ – вели рокерот.
Додава дека секогаш мото во животот му било – Водете љубов, а не војни, па затоа и верувал дека на крај доброто победува.
,,Кога лекарката ми рече да не се плашам, и одговорив дека навистина, јас воопшто не се плашам. Не, јас не заминувам туку така. Имам уште многу нешта да и оставам на оваа земја, да створам уште многу поезија, музика, љубов… Како никогаш досега се посветив на работата, започнав нови проекти, но поминав и многу време во читање. Прочитав над 15 книги од разни доктори, научници, луѓе кои се излекувале од рак. Делумно го сменив и начинот на исхрана, иако и во минатото сум се хранел слично и сум внимавал што внесувам’’ – појаснува Канго.
Следејќи ги упатствата од книгите, во својата диета вметнал сода бикарбона, овошје, јаткасти плодови, а сосема го отфрлил алкохолот.
,,Јас и во минатото сум бил љубител на ореви, леблебија, бадеми… Сега ги консумирам уште повеќе. Околу алкохолот, никогаш не сум пиел многу и било што. Исклучително домашна ракија и домашно вино, понекогаш пиво. А за цигарите, никогаш не сум бил пушач. Не паметам кога сум запалил цигара, можеби некогаш во младоста од љупопитност, и толку. Сум немал проблеми со вишок килограми, масти, холестерол, значи живеев здрав живот и порано, но ете болеста, не знам од кои причини ми се случи’’ – вели тој.
Сепак, најмногу од се му значела поддршката од семејството, од сопругата Љубица со која има хармоничен брак, и трите ќерки кои му се посебно блиски.
,,Лани, на 22 декември имав голем јубилеј. Славев 50 години на рок живеење и творење. Сакам ова да го спомнам, и јавноста да го знае и помни за мене, дека јубилејот им го посветив на ќерките, оти тие се дел од моето творештво, од мојата душа. Се надевам дека оваа борба ќе биде зад мене за кратко време. Дека ќе имам уште многу јубилеји и причини за веселби. На есен, планирам да промовирам две збирки со поезија насловени ,,Пророштво’’ и ,,Спасение’’. Работам на осмиот албум, имам две нови песни за снимање наскоро’’– мотивирано раскажува Канго.
Тој се зачленил и во здружението за борба против рак ,,Борка’’ чиј претседател е неговата колешка, поп пејачката Биба Додева. И таа се изненадила кога го видела во нивните редови, но Канго и ветил дека ќе се избори со болеста.
,,И кажав на Додева дека ќе ја победам болеста. И на останатите колеги и мои поддржувачи им го ветувам истото. Но додека ми се случува ова, не можам, а да не помислам на сите реакции во јавноста, кога лани добив владини субвенции за две песни. Бев напаѓан, распнат на крст. Но и покрај се, слушаноста на песните растеше од ден на ден. И сега, сеуште не можам да сфатам што ги поттикна тие напади, кога не бев и не сум единствениот кој добил субвенции за музика. Стотици колеги ги добиле, за некои дури и не знаеме за која песна. Да не се навраќам на тоа, но ќе повторам, човек кога ќе го нема, џабе е и статуи да му се изградат, на жив час треба да му се покаже почит’’ – вели Канго.
За крај на разговорот, на сите кои се сретнале со лошата болест, им порача да си ја сочуваат радоста и да се борат исполнети со позитивни мисли.
,,Моето исцелување ќе биде мој триумф, моја порака до сите кои се сретнале со оваа болест, дека не треба да се губи надеж. Ова е само привремена состојба на нашето тело, нешто што може да биде надминато со позитивни мисли, промена на начин на живот, лекарства… Треба да си кажеме дека се ќе биде добро и да ги тргнеме лошите мисли. И навистина, ќе биде добро’’ – тврди рокерот.
Вики Клинчарова