До 14 декември, за кога е предвиден состанокот на Општиот совет на ЕУ, на кој се очекува да се донесе одлуката за усвојување на преговарачката рамка и закажување на првата меѓувладина конференција, е нереално краток рок за постигнување договор меѓу Бугарија и Северна Македонија. Ова за „БТВ радио“, г изјави Даниел Лорер од победничката партија на изборите во Бугарија „Продолжуваме со промените“.
-Ни се чини дека ако ја оставиме само историјата за да ги придвижи преговорите, тоа нема да даде доволно добар резултат за двете страни. Поради тоа ќе отвориме понатамошни дискусии за економскиот напредок меѓу двете земји, но и дискусијата за историјата ќе се одвива паралелно. За да можат двете страни да бидат задоволни, истакна Лорер.
Тој ја коментираше и Мешовитата историска комисија меѓу Скопје и Софија.
-Досега сметаме дека работата на Историската комисија не нуди напредок и двете страни се чувствуваат незадоволни од тоа што се случува и треба да најдеме нова формула. Нејзината функција треба да биде поддржувачка, но не и единствена во овој процес. Спорот е обемен и знаеме дека на Балканот нашите народи се врзани со многу долга историја. Овие дискусии мора да одат по својот пат. Ова се случува меѓу сите соседни народи на Балканот и нема шанси ова да е единствениот начин за разговори меѓу нас и нив, додаде тој.