Кандидатот на проруската партија води на претседателските избори во Молдавија

by Fokus

Кандидатот поддржан од проруските социјалисти Александр Стојаногло води во вториот круг од претседателските избори во Молдавија пред актуелната проевропска претседателка Маја Санду, покажаа делумните резултати што вечерва ги објави изборната комисија.

По пребројувањето на 85 отсто од гласовите, тој доби 51,3 отсто, а Санду 48,6 отсто.

Поддржувачите на претседателот, кој се кандидира за втор мандат, се надеваат дека конечниот резултат сепак може да се промени, особено со гласовите од дијаспората.

„Молдавските власти се сведоци на масовно руско мешање“
Советникот за национална безбедност на претседателот претходно изјави дека молдавските власти се сведоци на „масовно мешање“ на Русија во вториот круг од претседателските избори.

„Напори со висок потенцијал за извртување на исходот (на изборите)“, напиша Станислав Секриеру на X, мислејќи на наводното руско мешање.

Санду не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство во првиот круг од гласањето пред две недели.

Стојаногло освои 25,98 отсто од гласовите во првиот круг
52-годишниот шеф на државата на 20 октомври освои 42,45 отсто од гласовите, водејќи меѓу вкупно 11 кандидати.

Нејзиниот најголем ривал е поранешниот јавен обвинител Александр Стојаногло, кандидатот на традиционално силната Социјалистичка партија на прорускиот екс-претседател Игор Додон. Тој во првиот круг освои 25,98 отсто од гласовите.

Молдавија, претежно земјоделска земја лоцирана меѓу Романија и Украина, е кандидат за членство во ЕУ како Украина.

Поврзани новости