Генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети, кој е поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување, избива на врвот на листата на најсериозни кандидати за технички премиер, што треба да ја води „пржинската“ влада за спроведување на парламентарните избори, пишува неделникот „Фокус“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
„Поздрав за премиерот Артан Груби“ – вака првиот човек на чаирскиот огранок на ДУИ Беким Незири го поздрави првиот вицепремиер Артан Груби, кога пред неколку дена говореше на промоција на секретаријатите на огранокот, при што се упати порака дека „моќта на Албанците е голема и дека сите се плашат од Албанците што владеат со државата“.
Иако тоа беше протолкувано во насока дека „интегративците“ веќе го промовираат Груби како технички премиер, кој треба да предводи влада за спроведување на изборите, а, според политичкиот договор меѓу СДСМ и ДУИ за формирање на коалициска влада, овојпат премиерот треба да го предложи ДУИ, сепак, веднаш стигна демант од самиот вицепремиер.
–Не се гледам себеси како иден премиер, не верувам дека јас сум следниот премиер и всушност знам дека јас не сум следниот премиер на Владата на Република Северна Македонија – категоричен беше Груби, додавајќи дека тоа ќе биде личност кој ќе мора да ги помине внатрепартиските филтри и на крајот да добие амин од партискиот лидер Али Ахмети.
Во изминатиот период, како можен технички премиер се споменуваше и шефот на дипломатијата и новопромовиран потпретседател на ДУИ Бујар Османи, кој изјави дека во Мала Речица преовладува мислење за спојување на изборите. Тоа значи дека со вториот круг на претседателските избори треба да се гласа и за нов парламент, па во таква ситуација, како што рече Османи, премиер Албанец ќе има во јануари.
–Договорот за премиер Албанец е постигнат уште при формирање на Владата дека последните сто дена премиерот ќе биде предложен од страна на ДУИ и тоа очекуваме да се случи. Доколку изборите се заеднички, тоа значи дека на почетокот на јануари треба да почнат тие сто дена. Премиерот ќе биде предложен од страна на ДУИ – рече Османи.
Воедно, тој ја отфрли можноста вицепремиерот за економија и потпретседател на СДСМ Фатмир Битиќи да биде технички премиер. Во меѓувреме, излезе информација дека Ахмети му ја понудил оваа функција и на Арбен Таравари, со цел да ја осигура соработката со Алијанса за Албанците, меѓутоа тоа веднаш го демантираше Таравари.
–Знам дека политичките гласини немаат никаква важност како и сите други гласини, но некои од нив се со посебна чувствителност, како онаа за премиер што божем ми било предложено. Оваа вест не е точна – истакна Таравари, кој моментално е градоначалник на Гостивар и се залага за самостоен изборен настан на АА.
Исто така, и името на министерот за финансии Фатмир Бесими циркулира во одредени комбинации за премиерската функција. Меѓутоа, последниот број на неделникот „Фокус“ објавува дека моментално на врвот на листата на потенцијални кандидати избива друго име. Се работи за лице што врши висока партиска функција, но не и јавна функција.
Според високи партиски извори, станува збор за генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети, кој беше и директор на ФЗОМ, меѓутоа пред неколку месеци одлучи да се повлече од оваа функција, без да даде некое конкретно образложение. Кога се случи тоа, тој на социјалните мрежи напиша:
„Секоја задача има свој почеток и свој крај. Денеска објавувам дека поднесов оставка од функцијата генерален директор на ФЗОМ. Ви благодариме за плодната поддршка и соработка во овој период. Со сета почит, Фатон Ахмети…“.
Според нашите информации, во досегашните дискусии е исфрлен Ахмети како главен фаворит за премиерската функција, освен во една ситуација. Имено, конечната одлука ќе зависи и од разврската дали изборите ќе бидат одвоени или споени, како и од проценката дали има опасност за пропаѓање на изборот за шеф на државата.
Доколку не се избере нов претседател поради непостигнување на цензус, нов претседател автоматски станува собранискиот спикер, односно Талат Џафери. Во таква ситуација, ДУИ ќе ги држи трите водечки позиции во државата, па затоа се прават анализи дали подобро би било Џафери да стане технички премиер и да се избере нов спикер од СДСМ кој ќе ја презеде и функцијата привремен претседател на државата.
На тој начин, власта би ја избегнала кампањата на опозицијата за целосна дуизација или албанизација на државата. Сепак, доколку се постигне политички договор за споени избори, кон што се противи СДСМ, но кон таа опција што ја застапува ВМРО-ДПМНЕ веќе почнува да се приклонува ДУИ, ќе нема голем ризик за пропаѓање на изборите. Тогаш, Фатон Ахмети е најсериозен кандидат за премиер.