Не гледам ништо лошо во однос на мојата одлука. Одлуката ја донесов без никаков притисок од ниедна страна, вели екс министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, по однос на нејзиното гласање за пристапување кон уставни измени.
-Ако некој мисли дека ќе се скрие зад некого или нешто, се излажал – сѐ ќе си дојде на виделина – додава таа во интервју за „Дојче веле“.
Канческа-Милевска беше исклучена од партијата поради нејзиното гласање. За одлуката за нејзино исклучување вели дека е непринципиелна и избрзана.
-Повторно без да се слушне ставот на другиот, и без да се даде образложение за таа одлука. На секого треба да му биде јасно дека на оној што во срце и душа ја носи идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе потенцирам – и како семејна традиција, никој не може тоа да му го забрани и да му го одземе. Идеологијата е многу посилна од какви било исклучувања и неиздржани одлуки – вели обвинетата во предметот „Тендери“ на СЈО.
Вели дека нема никакви дилеми пред да го дададе својот глас за отворање на Уставот. Канческа-Милевска вели дека Собранието е во фаза кога треба да се вклучи во активна амандманска расправа во која ќе дебатира пошироката јавност, како експерти, професори по меѓународно и уставно право, пратениците и лидерите на политичките партии.
-Само на овој начин ќе видиме кој на каков начин и во минатото, и сега се залагал да го реши ова прашање кое ја попречува нашата евроатланска перспектива. Јас тоа сакам да го знам, но и јавноста и граѓаните заслужуваат тоа да го слушнат. Тоа им го должиме на граѓаните. Во нашата пратеничка група имаме пратеници кои активно биле вклучени во преговарачки процеси за решавање на ова прашање, на највисоко политичко ниво, но и во сегашното раководството на партијата. Тоа не треба да го заборавиме! А во јавноста во изминатиов период се креираше лажна перцепција дека во Собранието веднаш ќе се гласа за промена на името на државата и поддршка на Договорот. Тоа не е така, и се потврди дека не е така – вели таа.
Канческа-Милевска прашува зошто се бега од дебата и вели дека тоа е мистерија за неа.
-Не можам да разберам како може да не се почитува некој кој има свое мислење, па и да е различно од другиот. Почитувам критика, бидејќи само на тој начин можеме да бидеме искрени пред самите себе и пред граѓаните. Мојот влог во партијата е огромен, и како активен член, и како поранешен функционер – министер за култура. ВМРО-ДПМНЕ е партија која некој ја создал, ја градел ја негувал и никој, буквално никој, не може да си зема право да ги отфрла сите оние кои имаат каков било став поразличен од некој друг – додава таа.