Канческа-Милевска: Ни ја ограничивте можноста за дебата за Договорот

by fokus

Собранието на Република Македонија утре во 12 часот ќе ја продолжи седницата на која се расправа за утврдување на потребата од предлогот на Владата за уставни измени за имплементирање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.

На вториот ден од расправата, Елизабета Канческа-Милевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека има непочитување на претседателот, законските одредби од Уставот и Деловникот на Собранието при склучувањето на договорот со Грција.

– Ако се одеше според закон и ние како пратеници ќе знаевме што содржи договорот. Вие ја ограничивте и можноста да дебатираме преку ставањето на договорот на Комисијата за европски прашања. Тоа доведе сега пратениците да треба да одлучуваат, а и самиот Референдум докажа дека е погрешно воден процесот, рече Каческа Милевска.

Нагласи дека факт e оти Референдумот беше неуспешен и колку да се обидуваме, додаде, не можеме да ги промениме бројките кои се фиксни и се знаат.

– Сите сме согласни за ЕУ и НАТО, но не можете да организирате референдум и да прифатите промена на Уставот без да обезбедите национален консензус, посочи Канческа-Милевска.

Во реплика премиерот Зоран Заев порача дека процесот на преговори со Грција се водел најтранспарентно досега и за секој чекор бил информиран шефот на опозицијата, лидерите на поголемите политички партии и претседателот на државата, се до рамките со кои не се нарушувале преговарачките стратегии.

– Преговорите ги почнавме во ноември, а се до крајот на април имавме одлична соработка. Сите средби што ги имавме ги користевме за меѓусебно да се информиравме. Во април ни беше кажано преговарајте, а ако нешто договорите ние ќе си го кажеме своето, рече Заев и додаде дека и потоа продолжиле да ги информираат.

За референдумот премиерот рече дека опозицијата не си го кажала својот став и затоа се одлучиле да биде консултативен.

Поврзани новости