Поранешната министерка за култура, Елизабете Канческа – Милевска по пет години судење е ослободена од обвинение
Судијата Осман Шабани во образложението на пресудата кажа дека Обвинителството не усепало да ја докаже вината на обвинетите надвор од реално сомневање.
Судењето за случајот „Тендери“, за кој е обвинета екс министерката Елизабета Канческа Милевска во февруари во Кривичниот суд почна од почеток, и тоа по шести пат, а се судеше веќе пет години.
Судењето трипати се враќаше на стартната позиција поради проток на 90 дена од рочиште до рочиште, а двапати поради смена на судија поротник. Последниот пат пак се одложи поради смена на судија.
Или низ години, истрагата беше отворена во 2016 година, судењето стартуваше на почетокот на 2018 година, а во 2023 година повторно е на самиот почеток. Досега немаше првостепена пресуда, што значи предметот низ годините воопшто не стигна до Апелација.
Рочиштата пак последната година се одложуваа поради доцнењето на супервештачењето, кое неодамна беше изработено по неколку ургенции од судот.
Предметот „Тендери“ потекнува од СЈО, а задолжен за него беше обвинителот Стевчо Донев, кој сега е виш јавен обвинител. Според обвинението, екс министерката се гони за наместен тендер со „Бетон Штип“, кој вредел милион евра.
Спорното, според обвинителството, е тоа што било договорено фирмата да почне да работи, а тендерот да се објави подоцна.
Канческа Милевска беше една од осумтемина пратеници која гласаше за уставни измени за промена на името на државата.