Во Апелациониот суд денеска беше разгледната жалбата на поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска обвинета во предметот „Тендери“, со која бара да и се врати одземениот пасош, а СЈО пак бара да и се одреди мерката притвор.
-Бараме притвор за обвинетата, само така ќе се обезбеди нејзино присуство, рече обвинителот Гаврило Бубевски, кој побара судиите да ја ценат висината на казната за кривичното дело што ѝ се става на товар односно затворска казна од минимум 5 години.
Адвокатот Еленко Миланов рече дека обвинетата се јавувала на сите покани, а додаде и дека жалбата на СЈО е ненавремена.
Адвокатот Сашо Дуковски, пак, посочи дека жалбата на СЈО против решението за неопределување притвор е неоснована. Дуковски се повикуваше на пресуди на ЕСЧП во Стразбур.
Тој рече дека ексминистерката е угледна личност во државата и дека никогаш не била осудувана.
-Замислете, министерка за култура без пасош, рече адвокатот и додаде дека пасошот на екс-министерката ѝ е потребен за да си ја врши пратеничката функција.
Обвинетата пред Судот рече дека е изненадена од барањето за притвор и од одлуката на првостепениот суд за одземање на пасошот.
-Не сум ја попречила постапката. Лично сум ги примала претставниците на специјалното обвинителство. Се јавувам на поканите на СЈО. Не сум сторила кривично дело. Јавната набавка беше спроведена транспарентно, рече ексминистерката.
Канческа-Милевска рече дека е горда на македонската култура и уметност. Таа до судиите ги достави сите покани за гостувања од министри и странски делегации.
-Како пратеник ќе продолжам да работам за Македонија и ќе соработувам со судот. Верувам во правниот систем, рече Канческа-Милевска.