Канческа-Милевска: Го разбирам обвинението, но не гледам злоупотреба

by fokus

Поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска, се изјасни дека не се чувствува виновна на денешното рочиште во Кривичниот суд по предметот „Тендери“ на Специјалното јавно обвинителство. Екс министерката рече дека го разбира обвинението, но дека не гледа злоупотреба.

-Го разбирам тоа што е напишано, но не можам никаде да најдам каде има злоупотреба во обвинението. Ќе докажам дека се испочитувани сите процедури и дека нема никаква злоупотреба – рече Канческа Милевска.

Дека не се чувствуваат виновни рекоа и останатите две обвинети, службенички во Министерството за внатрешни работи, кои биле членови на Комисијата за јавни набавки.

Со ова почна судењето за „Тендери“, во кое обвинетите се товарат за злоупотреби со тендерот за изведување на градежните работи во Музејот на ВМРО, како дел од проектот „Скопје 2014“.

Обвинителот на СЈО, Стевчо Донев рече дека вработените во Министерството за култура не работеле по правилникот и дека ја злоупотребиле службената положба, фаворизирајќи фирма за изградба на Музејот на ВМРО.

Канческа Милевска, според обвинителот, му наложила на директорот на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип да ги изведат сите градежни работи и да не се чека нов тендер.

Адвокатот Сашо Дуковски во воведниот говор рече дека не постои вина кај обвинетите и, како што додаде, од обвинението не увидел дека има некаква штета.

Претходно судот го одби барањето на одбраната од списите да се издвои вештачењето, кое е клучен доказ во предметот, затоа што во периодот кого е направена проверка на документите лиценцата на вештаците биле истечена. Наспроти барањето на одбраната, вештачењето ќе биде доказ во постапката.

 

 

Поврзани новости