Националното радио „Канал 77“ утре е на суд, откако претходно Основниот суд по работењето на финансиската полиција пресуди казна од 100.000 денари и условна казна затвор за управителот од три месеци. Тоа е истиот случај кога финансиската полиција девет месеци го испитуваше работењето на радиото за граѓански предмет за блокирање на фирма должник на радиото, блиска до власта и директно поврзана со провладините медиуми.
Куриозитет го следи утрешното судење. Сопругот на судијката во предметот Јулијана Недкова, адвокатот Емил Недков го нападна радиото на социјалните мрежи. Коментарот што Недков го оставил на Фејбук страницата на Канал 77 во најмала рака е недоличен и несоодветен на него како адвокат, но уште повеќе како сопруг на судечкиот судија во предметот, Јулијана Недкова, велат од Канал 77.
-Во почетокот на 2000-те години, Недков беше надежен кадар на ВМРО ДПМНЕ. Застана на чело на Комисијата за спроведување општински референдум за пренамена на парите од самопридонесот, кој тогаш беше оценет како „скандалозен фалисификат“. Во време на министерувањето на Љубе Бошковски во МВР, Недков беше назначен за началник на Управата за внатрешни работи (УВР) во Штип. Продоцна премина во адвокатура, додека неговата сопруга, Јулијана Недкова стана судија во Основниот суд во Штип. Уште една штипска семејна комбинација адвокат – судија. Веројатно оттука силата да се удри по медиумот, реагираат од Канал 77.