152
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, секоја година во овој временски период, реализира кампања за безбедно возење на трактор и земјоделски машини заради нивното зголемено учество во сообраќајот во овој период од годината.
Кампањата се спроведува на територијата на целата држава преку средби на претставници од РСБСП, МВР и Факултетот за безбедност Скопје со возачи на трактори и земјоделски машини, превентивно-едукативни разговори со нив и други активности, со цел подигање на свеста за управување на технички исправни, регистрирани и видливи трактори и земјоделски машини заради нивно одговорно и безбедно учество во сообраќајот.
РСБСП потсетува дека возачите на трактори, мотокултиватори и други земјоделски машини се рамноправни учесници во сообраќајот и дека возачите на моторни возила и другите учесници во сообраќајот треба да ги почитуваат и да им обрнат соодветно внимание, особено во овој период од годината кога поинтензивно се одвиваат земјоделски активности.
Истовремено, посочува и на неопходноста возачите на трактори и земјоделски машини да управуваат со технички исправни и регистрирани трактори и други работни машини, да избегнуваат учество во сообраќајот ноќе и за време на неповолни временски услови (дожд, магла), а посебно внимание да посветат на нивната што поголема видливост во сообраќајот.
РСБСП упатува апел до возачите на трактори и земјоделски машини: Возете регистрирани, технички исправни и означени возила. Бидете видливи во сообраќајот и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи. Возете одговорно! БЕЗБЕДНОСТА НА ПРВО МЕСТО!