Поддршката на Обединетото Кралство за Израел зависи од тоа дали Израел ќе го почитува меѓународното хуманитарно право, напиша британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон во колумна објавена денеска, неколку дена по израелскиот воздушен напад во кој загинаа седум хуманитарни работници, меѓу кои и тројца Британци.
„Нашата поддршка не е безусловна“, напиша Камерон во „Сандеј тајмс“. „Очекуваме ваквата горда и успешна демократија да се придржува до меѓународното хуманитарно право, дури и кога е оспорена“, додаде тој.
Британската влада е верен сојузник на Израел од нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел, кој ја започна израелската војна за елиминирање на милитантната исламистичка група. Но, Камерон ја заостри својата реторика во последните месеци поради страшната хуманитарна ситуација во палестинската енклава.
Камерон предупреди на опасност од масовно гладување доколку Израел не дозволи поголема помош. Во саботата, Обединетото кралство објави дека ќе испрати поморски брод за да испорача помош како дел од меѓународните напори.
Британскиот премиер Риши Сунак по повод шест месеци од нападот на Хамас врз Израел, го повтори повикот до Хамас да ги ослободи израелските заложници и веднаш да ги прекине борбите.